Молитви по Светата причест
Молитви по Светата причест
Слава Ти, Боже! Слава Ти, Боже! Слава Ти, Боже! 1 Ти благодарам, Господи, Боже мој, што не ме отфрли мене грешниот, туку ме удостои да станам учесник во Твојата светиња. Ти благодарам што ме удостои, мене недостојниот, да се причестам со Твоите пречисти и небески дарови. Владико Човекољупче, Ти умре за нас и воскресна; Ти си ни ги дарувал овие страшни и животворни тајни за доброто и за осветувањето на нашите души и тела да бидат и за мене за исцеление на душата и на телото, за прогонување на секое зло, за просветување на моите духовни очи, за мир на моите душевни сили, за вера што не посрамува, за нелицемерна љубов, за исполнување со мудрост, за зачувување на Твоите заповеди, за умножување на Твојата божествена благодат и за придобивање на Твоето царство. Зачуван преку нив во Твојата светост, секогаш да си спомнувам за Твојата добрина и да не живеам веќе за себе, туку за Тебе, нашиот Владика и Благодетел. И така, кога ќе го напуштам овој живот, да влезам во вечниот мир, кајшто не престанува гласот на оние што празнуваат и бескрајната радост на оние што ја гледаат неискажливата убавина на Твоето лице. Ти си навистина желбата и радоста на сите кои Те сакаат, Христе Боже мој, Тебе Те прославуваат сите созданија во вечни векови. Амин. 2 (од свети Василиј Велики) Владико Христе Боже, Цару на вековите и Создателу на сè, Ти благодарам за сите добрини што си ми ги дал и за причестување со Твоите пречисти и животворни тајни. Ти се молам, Благи Човекољупче, запази ме под Твојот покрив и во сенката на Твоите крилја. Дарувај ме сè до последниот час со чиста совест достојно да се причестувам со Твоите светињи за прошка на гревовите и за вечен живот. Ти си Лебот на животот, Изворот на осветувањето, Дарителот на сите добрини, Тебе Те прославуваме со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин. 3 (од свети Симеон Метафраст) Ти, Создателу, доброволно ми го даде Твоето тело за храна. Тоа е оган што ги изгорува недостојните; Ти се молам да не ме изгориш, туку навлези во сите делови на моето тело, во утробата и во срцето. Изгори ги трњето на сите мои прегрешенија, очисти ми ја душата, помислите – освети ги, закрепни го моето тело, просвети ми ги петте сетила, целиот обземи ме од Твојот страв. Чувај ме секогаш, брани ме од секакво душегубно дело и слово. Очисти ме, измиј ме, украси ме, вразуми ме и просвети ме. Направи ме свое живеалиште и живеалиште само на Духот; да не бидам веќе живеалиште на гревот. По причестувањето, да бегаат од мене како од оган сите гревови и сите страсти како од Твојот дом. Да ми бидат пред Тебе молитвени застапници сите светии, бестелесните ангели, Твојот Претеча, премудрите апостоли, особено Твојата Пречиста Мајка. Милосрден Христе мој, прими ги нивните молитви и направи ме служител на светлината и син Твој, Благи, Ти си единствено осветување и светлина на нашите души, Ти си наш Бог и Владика, Тебе Ти прилега секаква слава во вечни векови. Амин. 4 Твоето свето тело, Господи Исусе Христе, Боже мој, да ми биде за вечен живот, а Твојата скапоцена крв – за опростување на гревовите. Оваа света причест да ми биде за радост – здравје и веселба. Во денот на Твоето страшно пришествие, удостој ме мене грешниот да застанам од Твојата деснастрана, по молитвите на Пресвета Богородица и на сите светии. Амин. 5 (Кон Пресвета Богородица) Пресвета Владичице, Богородице, Ти си светлина на мојата замрачена душа, Ти си надеж, покрив, засолниште, утеха и радост моја. Ти благодарам што ме удостои мене недостојниот да се причестам со пречистото тело и драгоцената крв на твојот Син, Ти, Која си ја родила вистинската светлина, просвети ги духовните очи на моето срце; Ти која си Го родила изворот на бесмртноста, оживотвори ме мене, умртвениот од гревови. Ти си милозлива Мајка на милостивиот Бог, помилуј ме, дај умиление и скрушеност на моето срце, смири ги моите мисли, повикај ме кога сум расеан. Удостој ме до последниот час неосудено да го примам осветувањето со пречистите тајни за исцеление на душата и телото. Дај ми солзи на покајание и исповед, за да Те воспевам и прославувам во сите дни на мојот живот. Ти си благословувана и прославувана во сите векови. Амин.