Молитви пред Света причест
Воведна молитва
Господи, Кој си роден од Дева, не гледај ги моите беззаконија, очисти го моето срце и направи го храм на Твоето пречисто тело и на Твојата пречиста крв. Не отфрлај ме од Твоето лице, зашто Ти си многумилостив. Слава… Како ќе се осмелам, јас недостојниот, да се причестам со Твоите свети тајни? Зашто, ако се осмелам да пристапам кон Тебе заедно со достојните, облеката ќе ме изобличи, таа не е свечена и ќе си навлечам осуда врз мојата многугрешна душа. Господи, очисти ја нечистотијата на мојата душа и како човекољубив спаси ме. И сега… Многу се моите прегрешенија, Богородице, кон Тебе доаѓам, Чиста, за да барам спасение. Посети ја, единствена Благословена, мојата немоќна душа и моли Го Твојот Син и Бог наш да ми ги прости тешките гревови што сум ги направил. 1 (од свети Василиј Велики) Владико, Господи, Исусе Христе, Боже наш, Извору на животот и бесмртноста, Создателу на сите видливи и невидливи творби, Ти, поради Твојата голема добрина, се облече во тело, беше распнат и погребан за нас неблагодарните и грешните и со Твојата света крв ја обнови нашата, од гревот падната, природа. Бесмртен Цару, прими го покајанието од мене грешниот, наклони го Твоето уво кон мене и чуј ги моите збориви. Згрешив, Господи, згрешив против небото и пред Тебе и не сум достоен да ја погледнам големината на Твојата слава, зашто ја разгневив Твојата благост, прекршувајќи ги Твоите повелби. Но Ти, Господи, си незлоблив, долготрпелив и многумилостив, не си ме оставил да загинам со моите беззаконија, но на секој начин го чекаш моето обраќање. Ти си рекол, Човекољупче, преку Твојот пророк: Не ја сакам смртта на грешникот, туку сакам да се покае и да биде жив. Не сакаш, Владико, да ги погубиш созданијата на Твоите раце; не ја сакаш пропаста на човекот, туку сакаш сите да се спасат и да дојдат до познавање на вистината. Затоа и јас, макар недостоен за небото и за земјата, бидејќи наполно му се потчинив на гревот, сум заробен од насладите, го осквернавив Твојот образ, но бидејќи сум Твое создание, се надевам дека ќе ме спасиш и со таа надеж пристапувам кон Тебе. Доаѓам при Тебе, зашто се надевам на Твоето милосрдие. Човекољубив Господи, прими ме како блудницата и разбојникот, како митарот и блудниот син и симни го од мене тешкиот товар на гревовите. Ти ги земаш врз себе гревовите на светот и ги лекуваш човечките слабости. Ти ги викаш изморените и оптоварените, зашто дојде во светот да ги повикаш, не праведниците, туку грешниците на покајание. Очисти ме од секаква сквернавеност на телото и на духот и научи ме да го извршувам она што е свето, а од почит кон Тебе, та примајќи дел од Твоите светитајни, со чисто сведоштво на мојата совест, да се соединам со Твоето свето тело и со Твојата крв, да Те имам во себе, да живееш во мене со Отецот и со Светиот Дух. О, Господи Исусе Христе, Боже мој, да не ми биде за осуда причестувањето со Твоите пречисти и животворни тајни; да не биде ова за болест на душата и телото, зашто недостојно се причестувам. Но дај ми дури до крајот на мојот живот неосудено да ги примам Твоите свети тајни – за соединување со Светиот Дух, за поткрепа по патот кон вечноста и за добар одговор на Твојот страшен суд, та и јас со сите Твои избраници да станам учесник на Твоите вечни блага што си ги подготвил за оние што Те љубат, Господи, и меѓу кои си прославуван во вечни векови. Амин. 2 (од свети Јован Златоуст) Господи, Боже мој, знам дека не сум достоен да влезеш под покривот од домот на мојата душа, зашто целиот е пуст, паднат и нема место во мене каде глава да потслониш. Но Ти, заради нас, слезе од висините и се понижи; снижи се и сега кон моето смирение. Како што се согласи да легнеш во пештерата, во јаслите на бесловесните животни, така влези во мене, во јаслите на мојата бесловесна душа и на моето осквернато тело. Како што не сметаше дека е недостојно да влезеш и да вечераш заедно со грешници во домот на Симона Прокажени, така благоволи да влезеш и во домот на мојата смирена, губава и грешна душа. Ти не ја отфрли блудницата грешна, слична на мене, кога дојде и се допре до Тебе; така смилувај се и на мене грешниот, бидејќи доаѓам при Тебе и се допирам до Тебе. Ти не се згнаси од нејзината нечиста уста кога ги бакнуваше Твоите нозе, така не гнаси се и од мојата осквернавена уста и од мојот нечист јазик, но жарта на Твоето пресвето тело и на Твојата драгоцена крв да ми биде за осветување, просветување и за здравје на мојата смирена душа и на моето тело, за олеснување на тежината на моите многубројни согрешенија, за запазување од секакво ѓаволско искушение, за прогонување и ослободување од секаква лоша и грешна навика, за умртвување на страстите, за придобивање на Твојата света благодат и на Твоето царство. Пристапувам кон Тебе, Христе Боже, затоа што се надевам на Твојата неискажлива благост и, отстранувајќи се за подолго време од соединување со Тебе, да не бидам грабнат од духовниот свер – сатаната. Затоа Ти се молам, само Ти си свет, Владико, освети ја мојата душа, освети го телото, умот и срцето мое и сè што е во мене – обнови ме целиот. Вкорени страв пред Тебе во моето битие и помогни ми Твојата светост да не биде одземена од мене. Биди ми помошник и застапник. Насочувај го кон мир животот мој и удостој ме да застанам од Твојата десна страна, заедно со Твоите светии, по молитвите и молбите на Твојата Пречиста Мајка, на Твоите бестелесни служители и пречисти небески сили и на сите светии кои од секогаш Ти благоугодувале. Амин. 3 (од свети Симеон Метафраст) Господи, Ти си единствен чист и нетленен. Ти, заради нас и од неискажлива човекољубива милост, си примил човечко тело од Твојата Мајка, која Те родила натприродно преку осенувањето на Божјиот Дух и благоволението на вечниот Отец, Христе Исусе, Ти си Божја Премудрост, Ти си мир и сила; со Твоето овоплотување, откако ги прими животворните и спасителни страдања, крстот, клинците, копјето и смртта, умртви ги моите душегубни и телесни страсти. Со погребението си го пленил царството на пеколот; преку добри помисли закопај ги моите лоши намери и уништи ги духовите на лукавството. Со Твоето тридневно и живоносно воскресение, откако го воскресна паднатиот праотец, воскресни ме и мене, паднатиот поради грев, давајќи ми начини за покајание. Со Твоето преславно вознесение го обожи телото што го прими и го удостои да седи оддесно на Отецот; удостој ме и мене, преку Светата причест со Твоите свети тајни да застанам од Твојата десна страна – кај спасените. Со слегувањето на Утешителот – Твојот Дух, откако ги направи Твоите ученици драгоцени садови, направи ме и мене достоен дом за Неговото слегување. Кога ќе дојдеш праведно да ѝ судиш на вселената, благоволи и јас да Те пречекамТебе на облаците, мојот Судија и Создател, со сите Твои светии, та бескрајно да Те славословам со Беспочетниот Твој Отец и Пресветиот, Благиот и Животворниот Твој Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин. 4 (од свети Јован Дамаскин) Владико, Господи, Боже наш, Ти единствен имаш власт да им ги проштаваш гревовите на луѓето; како благ и Човекољубец, прости ми ги моите прегрешенија што сум ги направил свесно и несвесно. Удостој ме неосудено да се причестам со Твоите божествени, преславни, пречисти и животворни тајни, не за тежина, не за мака, не за придобивање на нови гревови, туку за очистување, како залог за идниот живот во Твоето царство, за крепост и помош, за одбивање на непријателските сили и за отсранување на моите безбројни согрешенија. Зашто Ти си Бог на милоста, дарежливоста и човекољубието, Тебе Те прославуваме со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин. 5 (од свети Василиј Велики) Знам, Господи, дека недостојно се причестувам со Твоето пречисто тело и со Твојата драгоцена крв, знам дека сум виновен и дека го јадам и пијам своето осудување, бидејќи не размислувам за Твоето тело и за Твојата крв, Христе и Боже мој. Се надевам на Твоето милосрдие, доаѓам при Тебе, зашто си рекол: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, живее во Мене и Јас во него. И така, смилувај се, Господи, и не изобличувај ме мене грешниот, но направи ми по Твојата милост, Твоите свети тајни да ми бидат за исцеление, очистување и просветување, за запазување и за очистување на душата и телото, за отстранување на секакво мечтаење, лоши дела и ѓаволско влијание, што дејствува невидливо во моето тело; да ми биде Светата причест за засилување на мојата љубов кон Тебе, за поправување на мојот живот и за закрепнување и умножување на добродетелите; за совршенство, за исполнување на Твоите заповеди, за дејство на Светиот Дух во мене, за поткрепа на патот кон вечниот живот, за добар одговор на Твојот страшен суд, а не за осуда и осудување. Амин. 6 (од свети Симеон Нови Богослов) Прими го, Христе мој, молењето од нечистата уста, од осквернавеното срце, од нечистиот јазик, од грешната душа и непрезирај ги моите зборови, а дај ми да Ти кажам сè што сакам, Христе мој. Но уште повеќе, научи ме што треба да правам и што да зборувам. Згрешив повеќе од блудницата, која, кога разбра каде си, купи миро и смело дојде при Тебе, Христе мој и Боже мој, да Ти ги помаже нозете. Ти не си ја отфрлил неа што дошла при Тебе искрено, па не отфрлај ме и не гнаси се и од мене. Слово Божјо, дај ми ги нозете да ги целивам и со потоци солзи, како со скапоцено миро, да ги помажам. Измиј ме со моите солзи и очисти ме со нив. Прости ми ги прегрешенијата. Ти знаеш дека имам многу гревови, ги гледаш моите рани, но и верата моја и желбите ги знаеш, како и воздишките ги слушаш. Не е скриена од Тебе, Боже мој, Создателу и Избавителу мој, ни солзната капка, па ниту делче од неа. Уште пред да сум направил нешто, тоа го виделе Твоите очи. Во Твојата книга се запишани уште и неизвршените дела. Погледни го моето смирение, види ја мојата мака и прости ми ги сите мои гревови, Боже на сите творенија, та со чисто срце, со растреперена мисла и со скрушена душа да се причестам со Твоите пречисти и пресвети тајни, преку кои оживува и се обожува секој кој јаде и пие со чисто срце. Ти си рекол, Владико мој: Секој што го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, живее во мене и Јас во него. Сосема е вистинско словото на мојот Владика и Бог. Ако се причестувам со божествените и боготворни дарови, не сум веќе сам, но со Тебе, Христе мој, Трисончена Светлино, што го просветуваш светот. За да не останам сам без Тебе, Животодателу, мое дишење, мој живот, радост моја и спасение на светот – пристапив кон Тебе, како што гледаш, со солзи и со скрушена душа, молејќи се да ме избавиш од моите гревови, за да се причестам неосудено со Твоите животворни и пречисти тајни, та да живееш, како што си рекол, со мене несреќниот, и соблазнителот да не ме најде без Твојата благодат, па безмилосно да ме зграпчи и, откако ќе ме соблазни, да ме оддалечи од Твоите боготворни зборови. Ете зошто паѓам пред Тебе и топло Ти се молам. Како што си го примил блудниот син и блудницата, милосрден Господи, прими ме и мене блудниот и нечистиот. Доаѓам сега при Тебе со смирена душа, Спасителу, и знам дека никој друг не Ти згрешил како јас. Но и ова го знам, дека ни големината, ниту множеството на гревовите не го надвишуваат Твоето бескрајно човекољубие. Ти со Твојата милост ги чистиш и ги осветлуваш и ги правиш учесници на светлината сите што искрено се кајат и ги придружуваш кон Твоето Божество. И, што е чудно за ангелите и човечките умови, многупати им зборуваш како на блиски пријатели. Ова ме осмелува, ме окрилува, Христе мој; охрабрен од Твоите богати добрини кон нас, со радост и со трепет се допирам до огнот и, макар што сум трева, чудно, не изгорувам, но бидувам оросуван како некогаш капината што гореше и не изгоруваше. И сега, со благодарна мисла, со благодарно срце, со потполна благодарност на душата и на телото мое, се поклонувам, Те величам и Те славословам, Боже мој, зашто си благословен сега и во вечни векови. Амин. 7 (од свети Јован Златоуст) Боже, олесни, отпушти и прости ми ги прегрешенијата што ги направив пред Тебе со зборови, со дело, со помисла, волно и неволно, свесно или несвесно – сè прости ми, зашто си благ и човекољубив. И, по молитвите на Твојата Пречиста Мајка, на бестелесните Твои служители и свети сили и на сите светии, кои од вечност Ти угодиле, удостој ме да ги примам Твоето пречисто тело и Твојата драгоцена крв, за исцеление на душата и на телото и за о чистување на моите лоши помисли, зашто Твое е царството, и силата, и славата, со Отецот и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин. 8 (од свети Јован Златоуст) Господи Исусе Христе, не сум достоен да влезеш под покривот на мојата душа, но Ти, како човекољубив, сакаш да живееш во мене и јас смело пристанувам. Заповедај да ги отворам вратите што си ги направил со човекољубието, на Тебе својствено, да влезеш во мене и да ја просветиш мојата помрачена душа и мисла. Верувам дека ќе го направиш тоа, зашто Ти не ја отфрли блудницата што дојде при Тебе со солзи; не го изостави разбојникот што го познал Твоето царство, но сите дојдени при Тебе со покајание си ги приброил кон Твоите пријатели. Само Ти единствен си благословен, сега и во вечни векови. Амин. 9 (од свети Јован Златоуст) Господи Исусе Христе, Боже мој, олесни, отпушти,очисти и прости ми ги, мене грешниот и недостоен Твој слуга, согрешенијата и гревовите што ги направив од младост до денешниот ден и час, што згре шив свесно и несвесно, со зборови, дела и мисли и со сите мои сетила. По молитвите на Твојата Пречиста Мајка и секогаш Дева Марија, Која е моја надеж, застапница и спасение, удостој ме да се причестам без осуда со пречистите, бесмртни, животворни и страшни Твои тајни, за прошка на гревовите и за вечен живот; осветување, просветување, сила, исцеление и здравје на душата и на телото, за ослободување од лоши мисли и помисли, ноќни занеси, под влијание на темните и лукавите духови. Зашто Твое е царството, силата и славата, честа и поклонувањето со Отецот и со Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин. 10 Верувам, Господи, и исповедувам дека си Ти навистина Христос, Син на живиот Бог, Кој дојде во светов да ги спаси грешниците, од кои сум прв јас. Уште верувам дека ова е Твоето пречисто тело и Твојата скапоцена крв. Ти се молам: помилуј ме и прости ми ги прегрешенијата, волни и неволни, извршени со збор или со дело, свесно или несвесно и удостој ме без осуда да се причестам со Твоите пречисти тајни за прошка на гревовите и за вечен живот. Ете, пристапувам кон божествената причест. Создателу, да не ме изгориш сопричестувањето. Ти си оган што ги изгорува недостојните. Очисти ме од секаква нечистотија. Сине Божји, прими ме денес за учесник на Твојата тајна вечера. Нема да ја откријам тајната на Твоите непријатели, ниту ќе Ти дадам бакнеж како Јуда, ами како разбојникот Те исповедам: спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Твоето царство. Кога ја гледаш благотворната крв, плаши се, човеку! Таа е оган што ги изгорува недостојните. Божественото тело ме обожува и ме храни, го обожува мојот дух, чудно го храни мојот ум. Владико, Човекољупче, Господи Исусе Христе, Боже мој, оваа светиња да не ми биде за осудување, зашто сум недостоен, тукуза очистување на душата и телото и залог за идниот живот во царството Твое. За мене е блаженство да се соединувам со Бога и да се надевам на Него дека Тој ќе ме спаси. ТРОПАРИ 1 Си ме привлекол, Христе, со својата љубов и си ме преобразил со Твоето желание. Изгори ги моите гревови со Твојот духовен оган и удостој ме да се наситам од насладата што е во Тебе, та со радост да ги величам, Благи, Твоите две пришествија. 2 Како ќе влезам јас недостојниот во Твоите свети живеалишта? Зашто, ако се осмелам да влезам заедно со другите, мојата облека ќе ме издаде, бидејќи не е свадбена; ќе ме врзат и ќе ме исфрлат ангелите. Господи, очисти ја нечистотијата на мојата душа и спаси ме како човекољубец.